Премотај назад…

Уф колку сакам почетоци што мирисаат на ново, мирис што потсетува на нови купени штикли од Christian Louboutin специјално за неа. Она чувство што те тера да имаш позитивна трема како првиот ден на факултет, како прво ноќно искачање во Елемент, како прв бакнеж кај неа пред зграда, невин и детски!

Ех да можам да живеам само во тие почетоци, животот ќе ми биде како античка Аркадија, полна со нимфи и сатири!
Се потсетив на мојот љубовен почеток, мојата прва вистинска љубов… јас заталкан алкохоличар во боемски филм, а таа еманципирана и шармантна ДАМА! Што би рекол Брега: јас битанга, а таа принцеза! Уф, колку ми беше прекрасен тој почеток! Сите оние телефонски повици во 3 сабајле само да и ја испеам „Во Бестрага“ од Нокаут, само да и кажам дека сум кај неа пред куќа и го гледам светлото од нејзината спална ламба, само да ја гледам додека спие! Имав една блажена насмевка од 6ка до 6ка што никогаш не можев да ја симнам од оваа моја грда фаца! Мислев дека сме Бони и Клајд, Скот и Зелда Фицџералд, Ленон и Јоко… бар ме увери дека секој крај е почеток!
Велат дека е најтешко е да ја задржиш почетната искра која го разгорува пламенот, дека потоа сè се губи во огнот и забораваме од каде стартувавме. Навистина ли сите парови го имаат истиот проблем? Зар потоа сите сме опседнати со тие „големи планови“ за пари, станови и деца, за материјален успех? А да, а доколку не се согласуваш со тоа, одма добиваш етикети како незрел, детинест и не реален!
А зошто да не е едноставно, ти да ме сакаш мене и јас тебе и толку! Да не комплицираме! Да се радуваме на утринското кафе, да играме танго на сред плоштад, да се љубиме со саати пред ТВ, да ти читам поезија, да бидам твојот „глупчо“, да се осеќаш посебно кога ќе јадеме Шампита во Апче и да се маѓепсаш од мирисот на липите на Партизанска? Зар ни треба скапа кола, зар ни требаат рати и кредити, зар ни требаат толку преценети задоволства?
Цврсто почнав да верувам во ебана карма и судбина, дека работите ќе се наместат како што треба! Не ги брзај работите љубов, се трудам од петни жили да ти биде убаво, но радувај се на ситници, радувај се на буќетот лалиња, на подареното Орео, на песните што ти ги пишувам!
И пред да ме осудиш и да помислиш дека овој е за греота, паднат од Марс, помисли дека сум безнадежен романтичар, кој се уште мисли дека Зоки Поки е најголемиот фраер што и го подари целиот свет на Лидија со 2 бонбончиња, едно за неа, едно за него!

автор Б.Н

(можете и вие да ни испраќате ваши авторски текстови со слична содржина)

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР